ИМВРОС – Патријархот Даниил на Бугарија упати силна порака за црковно единство и братска љубов за време на свеченостите по повод именденот на Вселенскиот патријарх Вартоломеј на островот Имврос.
Во своето обраќање, бугарскиот патријарх потсети на неодамнешната посета на делегацијата на Бугарската православна црква на Фанар и нагласи дека таа била извршена како исполнување на „свет и црковен долг кон Константинополската црква“, која историски ја нарече „наша Мајка Црква, од која нашите предци ја примија спасоносната светлина на православната вера“.
Патријархот Даниил истакна дека посетата на Вселенската патријаршија се одвивала во дух на љубов, мир и братско разбирање, додавајќи дека таквите средби претставуваат сведоштво за вистинско единство во Христа и заедничка грижа за иднината на Православната црква.
Осврнувајќи се на личноста на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, бугарскиот поглавар му честиташе по повод именденот, посакувајќи му здравје, духовна сила и долгогодишно плодно служење на Црквата. Воедно, тој ја нагласи важноста на братските односи меѓу помесните православни цркви и потребата од зачувување на црковното единство во денешното време.
Обраќањето на патријархот Даниил добива особено значење ако се има предвид дека беше изречено на свеченоста на која заедно присуствуваа и сослужуваа тројца поглавари на автокефални православни цркви – Вселенскиот патријарх Вартоломеј, патријархот Даниел на Романија и патријархот Даниил на Бугарија. Овој редок настан беше доживеан како охрабрувачки знак за зајакнување на меѓуправославните односи и како сведоштво дека единството се гради преку братска љубов, дијалог и почитување на црковното предание.
Извор: Hristianstvo.bg / Бугарска патријаршија.