Премиерот Христијан Мицкоски денеска не сакаше подетално да ја коментира изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Српската црква е „иста“ и во Скопје, оценувајќи дека таквиот тип комуникација повеќе му прилега на минатиот отколку на 21 век.
Одговарајќи на новинарско прашање на 15 август, Мицкоски ја нагласи улогата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во македонскиот идентитет.
„За мене лично МПЦ-ОА Јустинијана Прима е нешто кое е најсветол дел од македонскиот православен идентитет. Се разбира, ние имаме и Македонци кои се од друга вероисповед, но како столб на македонскиот идентитет МПЦ е нешто над сè, за мене како човек. Таков тип на изјава ниту имам намера да коментирам ниту би сакал да навлегувам во каква било дневна комуникација со изблици на нешто кое повеќе прилега на минатиот век, а не на 21 век“, изјави Мицкоски.
Изјавата следува по неодамнешниот говор на Вучиќ во Мркоњиќ Град, каде што српскиот претседател, говорејќи за Српската православна црква, го спомена и Скопје.
„Српската црква е една и иста. Таа е иста и во Мркоњиќ Град, Пирот, Сиднеј, Скопје, Франкфурт, Мелбурн и на секое друго место во светот“, рече Вучиќ.
Изјавата предизвика реакции во Македонија, имајќи предвид дека Скопје се наоѓа на канонската територија на МПЦ-ОА.
Претходно реагираше и Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА, кој порача дека Македонската православна црква ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без разлика на нивната национална или етничка припадност.
„Длабоко свесна за својата историска улога и за одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ, а водена од евангелските начела и богатото православно предание, таа останува Црква отворена за сите, обединувајќи ги своите верни во единството на верата и во евхаристиското заедништво, надминувајќи ги сите минливи политички, идеолошки и општествени поделби“, беше наведено во реакцијата на МПЦ-ОА.
Со тоа и МПЦ-ОА практично потсети дека нејзината пастирска грижа на територијата на Македонија не се однесува само на етничките Македонци, туку на сите православни верници, без оглед на нивната етничка припадност.
Мицкоски, пак, денеска не навлезе во прашањето за црковната јурисдикција што го отвори изјавата на Вучиќ, туку се задржа на значењето на МПЦ-ОА како столб на македонскиот идентитет и на оценката дека ваквиот тип пораки и полемики повеќе му прилегаат на минатиот век.
МПЦ-ОА и СПЦ повеќе од половина век беа во црковен спор. Во 2022 година беше обновено канонското и евхаристиското единство, по што СПЦ издаде документ за помирување со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, кој таа го нарече томос.
МПЦ-ОА и натаму очекува конечен томос на прашањето за нејзината автокефалност и од Вселенската патријаршија.
Извор: kolegium.mk