На мал број верници им е познат овој празник. Освен свештениците и неколкумина други христијани кои имаат потесна врска со Црквата, повеќето дури и не знаат или не го разбираат неговото постоење.
Малкумина се оние што одат в црква на овој ден, а повеќето дури и не претпоставуваат дека во средата по Неделата на Раслабениот, Црквата празнува голем Господов празник — празникот Преполовение на Педесетница. А сепак, некогаш овој празник бил голем празник на Великата Црква во Константинопол и во големиот храм се собирале мноштва народ.
Доволно е некој да ја отвори „Изложбата на царскиот поредок“ на Константин Порфирогенит за да го види свечениот типик на празнувањето, како што се извршувало до Преполовение во 903 година во храмот на свети Мокиј во Константинопол, односно до денот кога бил извршен обид за атентат врз царот Лав VI Мудриот (11 мај 903 година). Таму постои детален опис на величественото празнување, кое зафаќа цели страници и со познатата сложена византиска терминологија објаснува како царот, рано наутро на празникот, облечен во свечени царски одежди и придружуван од својата свита, тргнувал од светиот дворец кон храмот на свети Мокиј, каде што се служела Божествената Литургија.
Набргу пристигнувала литијата на чело со патријархот, а царот и патријархот свечено влегувале во храмот. Светата Литургија се извршувала со вообичаената византиска величественост што им припаѓала на големите празници. По неа, царот приредувал свечен ручек на кој присуствувал и патријархот. Потоа, под возгласите на народот: „На многаја и благаја лета Бог да го запази вашето царство“, и со многу застанувања по патот, царот се враќал во светиот дворец.
И во денешните богослужбени книги, во Пентикостарот, може да се видат траги од некогашниот сјај на овој празник. Тој е претставен како голем Господов празник, со прекрасни тропари и двојни канони, дела на големите химнографи Теофан и Андреј Критски, со своите читања и влијанието врз неделите пред и по него, како и со продолжувањето на празнувањето во текот на осум дена според образецот на големите празници во црковната година.
Но, која е темата на овој особен празник? Секако, не некој настан од евангелската историја. Неговата тема е чисто празнична и богословска. Средата на Преполовение е 25-тиот ден по Пасха и 25-тиот ден пред Педесетница. Таа ја означува средината на педесетте празнични денови по Пасха. Тоа е еден духовен премин и пресек.
Без да има свое посебно историско случување, овој ден ги поврзува темите на Пасха од една страна и слегувањето на Светиот Дух од друга страна, а воедно ја „навестува“ и славата на Вознесението Господово, кое ќе се празнува по петнаесет дена. Токму оваа средина меѓу двата големи празници потсетувала и на еврејскиот назив за Господа — „Месија“. Месија на грчки се преведува како Христос, но звучно потсетува и на „средина“. Така, и во тропарите и во синаксарот на денот, оваа игра на зборови станува повод Христос да се претстави како Месија — посредник меѓу Бога и луѓето, „посредник и помирувач меѓу нас и Неговиот вечен Отец“.
„Поради оваа причина, празнувајќи го овој празник и нарекувајќи го Преполовение, Го воспеваме Христа Месијата“, забележува Никифор Ксантопул во синаксарот.
Во тоа помогнало и евангелското четиво избрано за овој ден. Среде празникот на јудејската Пасха, Христос се искачува во храмот и поучува. Неговото учење предизвикува восхит, но и силна расправија меѓу Него, народот и учителите. Дали Исус е Месијата или не? Дали Неговото учење е од Бога или не? Така се појавува нова тема: Христос како Учител.
Оној што, иако не учел човечки науки, ја поседува полнотата на мудроста, бидејќи е Божјата Премудрост преку која е создаден светот. Токму од овој дијалог е инспириран голем дел од химнографијата на празникот. Оној што поучува во храмот, среде учителите на јудејскиот народ, среде празникот, е Месијата, Христос, Словото Божјо. Оној што е отфрлен од неразумните е самата Божја Премудрост.
Неколку редови подолу во Евангелието според Јован, веднаш по овој дијалог што се случува „кога празникот беше на средина“, следи сличен разговор меѓу Христос и Јудејците „во последниот голем ден од празникот“, односно на Педесетница. Тогаш Господ вели:
„Ако некој е жеден, нека дојде при Мене и нека пие; кој верува во Мене, како што рече Писмото, реки од жива вода ќе потечат од неговата утроба.“
А евангелистот додава:
„Ова го рече за Духот, Кого требаше да Го примат оние што веруваат во Него.“
Не е важно што овие зборови Христос не ги кажал токму на Преполовение, туку неколку дена подоцна. Со поетска слобода тие се ставени во Неговата беседа за Преполовение, бидејќи совршено одговарале на темата на празникот. Не можело да се најде посилна слика за да се покаже карактерот на Христовото учителство. За жедното човештво, учењето Христово дошло како жива вода, како река на благодат што го освежила лицето на земјата.
Христос е изворот на благодатта, „водата што тече во вечен живот“, која ги напојува душите измачени од духовна жед. Тој ги претвора оние што пијат од Него во извори: „Реки од жива вода ќе потечат од неговата утроба.“ „И ќе стане во него извор на вода што тече во вечен живот“, ѝ рекол на Самарјанката. Така пустината на светот се претворила во Божја градина со зимзелени дрвја насадени покрај водите на Светиот Дух.
Оваа, накратко, е смислата на празникот Преполовение Педесетница. Недостатокот на конкретна историска основа му го одзел народниот карактер што би го направил попознат меѓу верниците. А неговата длабоко богословска тема не им помогнала на многумина христијани да навлезат во славата на Христос Учителот — Божјата Премудрост и Слово, изворот на неисцрпната жива вода.
Автор: Јован М. Фундулис
(професор на Богословскиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун)