„Историјата без Црквата е како тело без душа – постои, но не живее.“
Зошто токму Црковната историја е најважна?
Кога зборуваме за историјата на еден народ особено многу-вековно православен, не зборуваме само за тоа што се случило, туку и како тој народ живеел, мислел и верувал.
Ако се обидеме да ја раскажеме историјата без Црквата, тогаш ќе добиеме слика без душа – ќе имаме факти, но нема да имаме вистина.
Црковната историја не е само раскажување за свештеници и манастири или пак некакви настани.
Таа е живото сеќавање на народот, огледало во кое се гледаат и радостите и страдањата, и верата и надежта на генерации луѓе што живееле со Бога.
А кога некој се обидува да гради „национална историја“ без духовен темел, резултатот е збунетост, поделби и губење на идентитетот.
Црквата како чувар на вистината низ вековите
Црквата е единствената установа што постои непрекинато две илјади години.
Империи се распаѓале, држави исчезнувале, идеологии се менувале – но Црквата останала.
Во времињата кога луѓето немале училишта, манастирите биле местата каде што се учело, се пишувало и се чувала вистината.
Монасите и епископите биле и учители, и научници, и писатели, и сведоци на времето.
Тие го запишувале она што го живееле, со страв Божји и со совест, а не по политичка нарачка.
Затоа нивните записи – житијата на светителите, хрониките, летописите – се најдоверливите сведоштва за нашето минато.
Тие не се пишувани за власт и интерес, туку за сведочење на вистината.
Историјата на победниците и историјата на совеста
Секуларната, световна историја често ја повторува фразата:
„Историјата ја пишува победникот.“
Но Црковната историја ја пишува совеста.
Таа не раскажува за тоа кој победил, туку кој останал вистинит.
Во неа, хероите не се владетели и генерали, туку светителите, мачениците и праведниците – оние што не победиле со сила, туку со вера, љубов и трпение.
Затоа Црковната историја не е историја на победи, туку историја на вистинитоста.
Кога „вистината“ се пишува по нарачка
Во поново време, најдобар пример колку лесно вистината може да се извитопери е периодот на Југославија и Царството на СХС.
Во тој период од околу стотина година , цели генерации беа воспитувани да веруваат дека верата е заостанатост, дека монасите се непотребни, а дека Црквата нема место во модерниот свет.
Со тек на време, тие лаги се вкоренија во учебници, медиуми и јавна свест – но и ден денес дел од тие ставови продолжуваат да живеат во колективниот менталитет на народот, па дури и кај делот од народот кој денес се декларира како православен.
Од овие причини ние денес дури можеме да сретнеме и свештеници со утврдена комунистичка свест во самата Црквата.
Црквата е вистинскиот идентитет на еден народ – неговата совест, паметење и душа.
Без неа, народот може да преживее историски, но не и духовно.
Ние не можеме ни да замислимe колкав труд, пролевање духовна крв, молитва и просветителска жртва беа потребни од страна на мудрите и богопросветени архиереи и свештеници на денешната МПЦ–ОА, за барем малку да го вратат народот кон Бога и му го пренесат православното предание.
Да го извлечат од идеолошкиот мрак, да го научат повторно да се прекрсти, да влезе во храм и да го разбере Евангелието не како „религија“, туку како живот.
И тоа – во општество што сè уште го носи наследството на комунизмот: суеверие, национализам, наметнат страв, предрасуди и духовна рамнодушност.
Овој пример покажува дека кога историјата се пишува без духовен темел, станува средство за манипулација.
Фактите тогаш не се мерени со вистината, туку со идеологијата.
На крај доаѓаме до клучното прашање: Ако еден народ може да биде излажан за самата суштина на своето постоење, својот основен идентитет – за тоа кој е и во што верува – тогаш до каде оди лагата?
Овој пример јасно покажува: кога историјата се пишува без духовен темел, таа престанува да биде сведоштво и станува средство за манипулација.
Фактите тогаш не служат на вистината, туку на идеологијата.
А каде што вистината се заменува со идеологија – таму престанува и човекот да биде слободен.
Кога делото се одделува од духот
Слична неправда (па се до денес ) им се прави и на нашите Рамноапостолни македонски светители Кирил и Методиј, Климент и Наум но и многу други.
Доволно е да се види дека светите браќа Кирил и Методиј, како и нивните ученици свети Климент и Наум, во најголем дел од учебниците и научните трудови се претставени само како учители и просветители, додека нивниот примарен идентитет – монаси, свети мажи и апостоли на словенскиот род – е намерно турнат во позадина како нешто сосема неважно.
Но тие не создавале писмо за да создадат нација, туку единствено за да му овозможат на народот да Го слави Бога на свој јазик.
Тоа било дело на вера, не на политика.
Тоа е суштинска подмена: се слави нивното „дело“, но не и Духот кој го родил тоа дело.
Создавањето на писменоста било литургиски чин, а не културна програма.
Кога го одделуваме делото од духот, ја губиме суштината.
Историјата станува „културна приказна“, но не и вистинска историја.
Византија – темел на денешното општество
Слично, во дел од учебниците на универзитетите , особено од посткомунистички контекст (присутни и денес), Византија често се прикажува како „мрачна епоха“ или како период со „оскудни извори“. Таквите тврдења се тежок академски апсурд. Византиската империја — најдолготрајната во европската историја — остави обилен и разноврсен корпус извори: хроники, правни збирки, богословски списи, административни документи, ракописи и материјална култура.
Наместо да зборуваме за „мрак“, попрецизно е да зборуваме за трајни придонеси кои влијаеле врз подоцнежна Европа и пошироко:
• развој на здравствените установи (ксенодохии, орфанотрофии) како рани форми на болници и социјална грижа;
• долгорочна монетарна стабилност (златниот солидус) важна за трговијата;
• судство и правна традиција (Јустинијановиот кодекс и подоцнежни компилации) што индиректно влијаела врз европското право;
• високо образование и училишни структури во Константинопол и други центри;
• значајни архитектонски и научни достигнувања;
• философско-богословска мисла што посредувала идеи меѓу античкото наследство и средновековните култури.
Во многу векови Црквата имаше централна општествена улога: преку неа се обликуваа образованието, уметностите и дел од политичката мисла. Епископите често беа јавни интелектуалци, а манастирите — места на учење и препишување. Ова не значи дека сè и секогаш било униформно: постоеле периоди на реформи и кризи, регионални разлики и континуирани трансформации.
Затоа, наместо да тврдиме дека „немаме информации“, попрецизно е да признаеме дека имаме изобилство извори, но тие бараат внимателно читање и контекстуализација. Токму низ таа призма Византија не е „мрак“, туку светлина што сè уште може да нè научи како духовните, правните и културните институции се преплетуваат во една цивилизација.
Зошто усното предание не е доволно
Имало и долги периоди кога поголемиот дел од народот бил неписмен, многу настани и информации се пренесувале усно – од човек на човек.
Но со текот на времето, тие раскажувања се менувале, се преувеличувале или заборавале.
Така вистината се губела, а на нејзино место останувале преданија што повеќе личат на легенди.
Црквата, пак, ја чувала вистината во пишан облик – со совест и со почит.
Во секој манастир, со векови се воделе летописи и записи – не за политика, туку за вера.
Се пишувало „со страв Божји“, затоа што секој збор бил сведоштво, не мислење.
И не само во книгите – вистината е впечатена и во самите ѕидини на храмови:
во фреските, во иконите, во натписите и во самата градба што сведочи за верата на народот.
Затоа црковните записи и храмовите се најсигурниот извор на минатото – тие не се создадени за власт, туку за вистината.
Заклучок: Вистината што не старее
Кога човек ја бара вистината за себе надвор од Црквата, ќе најде многу податоци – но малку смисла.
Затоа што само Црквата има центар што не се менува – Христос.
Во Него, фактите добиваат душа, а минатото станува учител, не идеологија.
Црковната историја не е само сведоштво за тоа што било,
туку потсетник за тоа што сме и што треба да бидеме.
Додека Црквата ја чува својата историја,
вистината не може да се изгуби.
Зашто неа не ја пишуваат победниците –
туку вистинитите.
Список на извори:
H. Chadwick, The Early Church. Penguin, 1993.
J. Thomas & A. Constantinides (eds.), Byzantine Monastic Foundation Documents. Dumbarton Oaks, 2000.
D. Obolensky, The Byzantine Commonwealth. Praeger, 1971.
D. MacCulloch, A History of Christianity. Penguin, 2010.
T. S. Miller, The Birth of the Hospital in the Byzantine Empire. Johns Hopkins University Press, 1985/1997.
A. E. Laiou (ed.), The Economic History of Byzantium. Dumbarton Oaks, 2002.
T. Honoré, Justinian’s Codification. Duckworth, 1998. (и универзитетски прегледи за Corpus Iuris Civilis)
E. Jeffreys, J. Haldon, R. Cormack (eds.), The Oxford Handbook of Byzantine Studies. Oxford University Press, 2008.
A. Cutler, “Structure and Aesthetic at Hagia Sophia,” Ars Orientalis.
J. Meyendorff, Byzantine Theology: Historical Trends and Doctrinal Themes. Fordham University Press, 1974/1983.
F. Dvornik, “The Significance of the Missions of Cyril and Methodius,” Slavic Review 23(2), 1964, 195–211.
Encyclopaedia Britannica, “Saints Cyril and Methodius.”
Encyclopaedia Britannica, “Old Church Slavonic language.”
S. P. Ramet (ed.), Religion and Nationalism in Soviet and East European Politics. Duke University Press, 1989.
S. P. Ramet, Balkan Babel. Westview Press, разни изданија.