На 4 март 2026 година се навршија 36 години од епископската хиротонија на Неговото Блаженство, Патријархот на Романија г.г. Даниел. Тој беше хиротонисан за епископ на 4 март 1990 година, на Првата недела од Великиот пост, како помошен епископ на Архиепископијата во Темишвар, со титула Лугојански.
Патријархот Даниел е роден на 22 јули 1951 година во селото Добрешти, општина Бара, во округот Тимиш, како трето дете на Алексиј и Стела Чомботеа.
Во 1974 година дипломирал на Православниот богословски институт во Сибиу, а потоа ги продолжил докторските студии под раководство на свештеникот-исповедник Димитрие Станилоае, еден од најголемите православни богослови на XX век.
Дел од своето богословско образование го продолжил и во Стразбур (Франција) и Фрајбург (Германија).
Монашки живот
Во 1987 година примил монашки постриг во манастирот Сихастрија во округот Неамц, каде духовен отец му бил преподобниот Клеопа Сихастриски.
Истата година бил ракоположен за ѓакон, а потоа и за презвитер.
Една година подоцна станал протосингел и патријаршиски советник, а истовремено бил и директор на Одделот за современа теологија и екуменски дијалог. Во тој период работел и како предавач на Богословскиот институт при Универзитетот во Букурешт.
Архипастирска служба
На 7 јуни 1990 година бил избран за митрополит на Молдавија и Буковина, каде што развил значајна пастирска, културна и општествена дејност. Меѓу позначајните иницијативи се:
-обновата на Митрополитскиот катедрален храм во Јаш,
-основањето на медицинскиот центар „Провидента“,
-создавањето на црковниот весник „Лумниа“,
-и радиостаницата „Тринитас“.
На 12 септември 2007 година бил избран за Патријарх на Православната Црква на Романија, а на 30 септември 2007 бил свечено востоличен.
Во неговото патријаршиско служење посебно се издвојува изградбата на Националната катедрала на Романија, која се смета за еден од најголемите симболични проекти на Романската православна црква во современиот период.
Сведоштво за служението
Епископот на Плоешт г. Варлаам, патријаршиски викар, во својата честитка по повод Неделата на Православието истакна дека:
„Овие 36 години архиерејска служба на Патријархот Даниел оставија свој ритам и свој црковно етос во животот на нашата Црква.“
Тој потсети и на зборовите на покојниот митрополит на Клуж Вартоломеј Анија, кој делото на тогашниот митрополит Даниел го нарекол „дар на Светиот Дух“ — дар кој, по неговото востоличување во 2007 година, се проширил врз целата Романска патријаршија.
Извор: basilica.ro