Имаме многу примери од кои можеме да се поучиме. Пред сè, Господ ни ја даде Пресвета Богородица.
Била Негова волја Пресвета Богородица да остане со светите Апостоли по Неговото Воскресение и Вознесение, за да ги утешува и охрабрува.
Еден од богоносните Отци, родум од Атина, свети Дионисиј Ареопагит, силно копнеел да ја види Пресвета Богородица.
Кога пристигнал во Ерусалим, го одвеле во домот на свети Јован Богослов, каде што живеела Пресвета Богородица.
Кога влегол во Нејзината соба, веднаш се ослободил од сите грижи и вознемирености и го обзеле неискажлив мир и радост.
Вака ја опишува својата средба со Пресвета Богородица:
„Ако во младоста не бев поучен за вистинскиот Бог, Пресвета Богородица за мене ќе беше Бог.“
Погледнете колку мир, спокојство и радост зрачи Пресвета Богородица!
Бог дозволува мирот и радоста да се излеваат преку секоја душа што е соединета со Него.
Од секој таков човек извира божествен мир и радост, а ние ја чувствуваме добрината кога Тој е присутен.
Гледате ли што значи Царството Небесно?
„Царството Божјо… е правда и мир и радост во Светиот Дух“ (Рим. 14,17).
Пресвета Богородица непрестајно се моли за нас. Таа секогаш нè посетува. Кога и да се свртиме кон Неа со своето срце, Таа е таму.
По Господа, Таа е најголемата заштитничка на човештвото.
Колку само храмови низ целиот свет се посветени на Пресвета Богородица!
Колку само исцелителни извори, каде што луѓето се лекуваат од своите болести, избликнале на местата каде што се појавила Пресвета Богородица и ги благословила водите, за тие да ги исцелуваат и болните и здравите!
Таа постојано е покрај нас, а ние толку често ја забораваме.