Министерството за внатрешни работи соопшти дека е расчистен случајот со обидот за опожарување на верски објект на Еврејската заедница во Скопје, што се случил на 12 април 2026 година околу 04:50 часот.
Веднаш по пријавата, биле преземени мерки од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со СВР Скопје и Агенцијата за национална безбедност. Во изминатиот период биле спроведени повеќе оперативно-тактички активности на територијата на Скопје.
На 30 април 2026 година, по наредба за претрес, биле извршени акции на 13 локации во Скопје. Притоа биле приведени седум лица, а одземени се предмети и електронски уреди поврзани со делото.
По насоки на јавен обвинител, осомничените се задржани, а против две лица – А.Љ. (21) и А.Р. (38), двајцата од Скопје – е поднесена кривична пријава за „тероризам“. Судија на претходна постапка им одредил мерка притвор.
Истрагата продолжува.
Извор: skopjeinfo.com