Телефонската линија АлоБушавко при Првата детска амбасада во светот Меѓаши го објави годишниот извештај за 2025 година, во кој се истакнува дека менталното здравје претставува најголем предизвик со кој се соочуваат децата и младите, следено од семејните односи и физичките повреди. Извештајот укажува на потребата од поголема поддршка и посилна соработка меѓу семејствата, образовните институции и општеството во целина.
Според податоците, во текот на 2025 година биле евидентирани 284 дојави, при што најголем дел се однесувале на проблеми поврзани со менталното здравје – 83 случаи или 30 проценти од вкупниот број. Семејните односи биле причина за 64 дојави, додека физичките повреди се застапени со 57 случаи.
Телефонската линија продолжила да функционира како 24-часовен ресурс за поддршка, достапен секој ден во годината, а најголем дел од пријавите биле направени преку директен телефонски контакт, што покажува дека личната комуникација и понатаму останува најдоверлив канал за помош.
Во извештајот се нагласува дека децата и младите сѐ почесто се соочуваат со страв, вознемиреност и различни психолошки потешкотии, што дополнително ја истакнува потребата од навремена поддршка, разбирање и присуство на возрасните во нивниот живот.
Жарко Змијанац, в.д. оперативен директор на Првата детска амбасада МЕЃАШИ, истакнал дека одговорноста за добросостојбата на децата и младите мора да биде споделена меѓу сите општествени чинители, особено семејствата, училиштата и заедницата, бидејќи токму тие претставуваат основни столбови на поддршка и заштита.
Извештајот упатува на потребата од градење средина исполнета со доверба, грижа и разбирање, каде децата ќе бидат слушнати и поддржани, а нивното достоинство и психичка добросостојба ќе бидат препознаени како заедничка одговорност на целото општество.
Извор:tocka.com.mk