Денеска, во петок од Првата недела на Великиот пост, кога во храмовите се служат Првите Похвални песни кон Пресвета Богородица, Црквата го чествува споменот на Преподобниот Прокопиј Декаполит, маченикот Геласиј и особено на Преподобниот Ефрем Катунакијски.
Преподобниот Ефрем Катунакијски е роден во 1912 година во селото Амбелохори, Тива. Неговото световно име било Евангелос. Уште од младоста во неговото срце се вселила силна желба за монашки живот. Иако го завршил гимназиското образование во Тива, Божјата благодат го насочувала кон подвижнички пат.
На 14 септември 1933 година го напуштил светот и заминал на Света Гора, во пустината на Катунакија, каде што се подвизувал во келијата на Преподобен Ефрем Сирин. По искушеништвото бил замонашен со името Лонгин, а подоцна примил голема схима и го добил името Ефрем. Наскоро бил ракоположен за свештеник.
Во духовниот живот бил поврзан со големиот исихаст и подвижник, старецот Јосиф Исихаст (1898–1959), од кого примил длабока поука за Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“. Под негово раководство се усовршувал во трезвеноста на умот и очистувањето на срцето, црпејќи духовна сила од „Филокалијата“.
Преподобниот Ефрем се одликувал со исклучителна послушност и борба против суетата. Поучувал дека послушноста не треба да биде слепа и механичка, туку да произлегува од љубов и ревност кон Бога.
Бил украсен со дар на прозорливост и претскажување. Сведоштвата говорат дека ја распознавал духовната состојба на луѓето и давал соодветни духовни совети. За време на Светата Литургија доживувал длабоки духовни состојби, сведочејќи за присуството на Божјата благодат.
И покрај духовните дарови, останал смирен и сокриен од светската слава. Многумина го барале за совет – монаси, клирици и мирјани. Помагал и на млади луѓе во изборот на брачен живот, оставајќи зад себе бројни духовни писма кои и денес претставуваат драгоцена поука.
Во 1996 година доживеал мозочен удар и останал неподвижен, но без роптање, благодарејќи Му на Бога до крајот на својот живот.
На 14/27 февруари 1998 година ја предал својата осветена душа во рацете на Господа.
Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија во 2020 година го приброи меѓу светителите, заедно со неговиот духовен раководител, Преподобниот Јосиф Исихаст и Преподобниот Даниил Катунакиот.
Неговиот живот останува сведоштво за силата на молитвата, послушноста и смирението во современиот свет.