Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја истакна важноста на соработката меѓу Црквата и медицинската наука во своето обраќање во храмот „Свети Теодор Тирон“ во Рим, во неделата, на 25 октомври 2026 година, оддавајќи им признание на здравствените работници за нивната пожртвувана служба за време на пандемијата на КОВИД-19.
Вселенскиот патријарх началствуваше со Божествената литургија во храмот на Вселенската патријаршија, во присуство на Халкидонскиот митрополит Емануил, Италијанскиот митрополит Поликарп, Елејскиот епископ Вартоломеј, дипломатски претставници, припадници на други христијански вероисповеди и верски заедници, како и многуброен верен народ.
Во своето обраќање, патријархот Вартоломеј се осврна на празникот Собор на сите свети лекари, востановен со одлука на Светиот и Свештен синод на Вселенската патријаршија за време на пандемијата, а првпат прославен во Фанар во октомври 2021 година.
Потсетувајќи на разорните последици од пандемијата, особено во Италија, тој им оддаде почит на лекарите и медицинските сестри кои беа во првите редови на борбата против болеста, вклучително и на оние што ги загубија своите животи грижејќи се за другите.
„Црквата и медицинската наука не се противници, туку соработници во служењето на животот“, нагласи Вселенскиот патријарх.
Обраќајќи им се на членовите на Здружението на грчките лекари во Италија, кои присуствуваа на богослужбата, патријархот ја изрази својата благодарност за нивниот придонес во општеството.
„Високо ценете ја својата наука, но никогаш не заборавајте дека на пациентите, покрај лековите, им се потребни и благ збор, поглед полн со разбирање, насмевка и човечко присуство“, порача тој.
Осврт на средбата со папата Лав XIV
Патријархот Вартоломеј се осврна и на својата средба со папата Лав XIV, одржана во саботата, на 24 октомври, по неодамнешната хируршка интервенција на папата.
Тој истакна дека му ги пренел љубовта и молитвите на Цариградската црква, посакувајќи му брзо и целосно закрепнување.
„Пред лицето на болеста сите сме еднакви“, забележа патријархот, нагласувајќи дека здравствените искушенија го потсетуваат човештвото на неговата заедничка ранливост.
Тој, исто така, ги опиша молитвите на источните и западните христијани за закрепнувањето на папата како знак на нивната заедничка љубов и како чекор кон посакуваното единство на Црквите.
На крајот од своето обраќање, патријархот Вартоломеј му се заблагодари на Италијанскиот митрополит Поликарп за гостопримството и пастирската служба, како и на архимандритот Симеон Кацинас за неговата долгогодишна служба во Рим.
По Божествената литургија, Здружението на грчките лекари во Италија приреди свечен ручек во чест на Вселенскиот патријарх.
За време на својот престој во Рим, патријархот Вартоломеј ги посети и амбасадорите на Франција, Турција и Грција при Светиот Престол.
Во неделата вечерта тој отпатува во Лорето, на покана на управата на католичкото светилиште на Пресвета Богородица Лоретска.
Таму беше пречекан од архиепископот Фабио Дал Чин, претставник на папата во светилиштето, кој го придружуваше при посетата на Светиот дом, сместен во внатрешноста на базиликата.
Извор: Orthodox Times