Мала црква откриена под поголема базилика можеби била едно од местата каде што се одржувал еден од најважните собири во историјата на христијанството – Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. Сепак, дел од научниците кои не учествуваат во ископувањата не се согласуваат со ова толкување.
Археолозите велат дека можеби го откриле местото каде што се одржувал Првиот вселенски собор во Никеја, значаен собир на христијанските епископи во 325 година, според археологот кој ги предводи ископувањата. Сепак, некои експерти кои не биле вклучени во истражувањата го доведуваат во прашање ваквото толкување.
Никеја била древен грчки град кој се наоѓал на територијата на денешна Турција, на брегот на езерото Изник, познато и како Никејско Езеро.
Првиот вселенски собор во Никеја, одржан во 325 година, собрал христијански епископи кои имале за цел да ги разрешат богословските несогласувања и го усвоиле она што денес е познато како Никејски символ на верата, едно од основните исповедања на христијанската вера.
Во тоа време император на Римската Империја бил Константин I, кој живеел приближно од 272 до 337 година. Тој го легализирал христијанството, а историските извори укажуваат дека одиграл водечка улога во организирањето на Соборот.
Под поголемата базилика откриена постара црква
Археолозите во 2014 година откриле остатоци од поголема црква под водите на езерото Изник. Од 2015 година ископувањата постепено ги откриваат и остатоците од помала црква под поголемата.
Тимот пронашол под од помалата црква кој се наоѓа околу 30 сантиметри под базиликата, што укажува дека помалата црква е постара, изјави Мустафа Шахин, професор по археологија на Универзитетот Бурса Улудаг во Турција, кој ги предводи ископувањата на локалитетот.
Еден од учесниците на Соборот, Евсевиј Кесариски, „изречно наведува дека собирот се одржал во ‘дом на молитвата’ или во мала црква“, а новооткриената црква повеќе одговара на тој опис отколку базиликата, изјави Шахин.
Неговиот тим сè уште не ги утврдил димензиите на помалата црква. Сепак, врз основа на историските извори, тој смета дека можеби станува збор за „Црквата на Неофит“, додека поголемата црква изградена над неа можеби е „Црквата на Светите Отци“.
Неофит бил христијанин кој живеел во Никеја и бил убиен во 303 година. „Црквата на Светите Отци“ го добила своето име во спомен на Никејскиот собор.
Од историските записи и археолошките остатоци произлегува дека помалата црква била уништена во земјотрес во 368 година, додека поголемата црква била изградена на истото место во 380 година.
Досега не се пронајдени ѕидови или украси од помалата црква.
Не е јасно од какви материјали била изградена, бидејќи е зачувана само камената основа на подот, изјави Шахин, додавајќи дека голем дел од градбата можеби бил изработен од дрво.
Експертите предупредуваат дека нема конечен доказ
Сепак, експертите кои не учествуваат во ископувањата предупредуваат дека не може со сигурност да се тврди дека епископите се состанувале во оваа црква и дека, дури и ако тоа се случувало, најважните заседанија веројатно се одржувале во императорската палата на Константин, а не во црквата.
Императорската палата досега не е пронајдена и можно е и таа да се наоѓа под водите на езерото Изник.
Јанг Ричард Ким, професор по класични науки на Универзитетот на Илиноис во Чикаго, истакна дека помалата црква сè уште не е сигурно датирана.
Дополнително, Евсевиј Кесариски наведува дека отворањето на Соборот се одржало во „императорската палата“ и дека Соборот траел три месеци. Поради тоа, не може со сигурност да се знае дали црквата била едно од местата каде што се одржувале заседанијата, изјави Ким за Live Science.
Чарлс Одал, почесен професор по историја на Државниот универзитет Бојси, исто така изрази претпазливост во однос на идентификувањето на црквата како место на Соборот.
„Никејскиот собор се одржал во императорска палата покрај Никејското Езеро“, изјави Одал.
„Оваа подводна црква се наоѓала во близина, но не била местото каде што се одржувале заседанијата на Соборот под раководство на императорот.“
„Доказите изгледаат ветувачки“
Дејвид Гвин, историчар на Универзитетот Ројал Холоуеј при Универзитетот во Лондон, изјави за Live Science дека „доказите оти постарата црква можеби потекнува од почетокот на IV век и затоа потенцијално може да биде поврзана со Никејскиот собор изгледаат ветувачки“.
Сепак, тој предупреди дека „не би требало да се преувеличува значењето на самата црковна градба, освен како можност да добиеме малку подобар увид во светот во кој се одржал Соборот“.
На Никејскиот собор присуствувале голем број луѓе.
„Самиот Собор траел повеќе од еден месец и во него учествувале стотици епископи и можеби околу 2.000 лица од придружното свештенство и персоналот“, изјави Гвин.
„Сепак, овие ископувања фрлаат дополнителна интересна светлина врз настанот и повторно го насочуваат вниманието кон собир кој имал огромно значење за развојот на христијанството.“
Ископувањата и анализата на локалитетот продолжуваат.
Извор: https://www.livescience.com/