Православната вера од учебната 2025–2026 година може официјално да започне се изучува во државните училишта во Холандија. Каде и да има заинтересирани родители и обучени наставници, училиштата ќе можат да организираат часови по православно христијанско образование.
Во рамки на тригодишна пилот-програма, родителите ќе можат да ги пријават своите деца од 6 до 12 години на овие часови, кои ќе се одржуваат во текот на редовното училишно време еднаш неделно, во траење од 45 минути. Часовите ќе бидат достапни и за ученици кои не се православни.
За да се формира група, потребни се најмалку три деца од истото училиште. Доколку бројката се исполни, директорот на училиштето е должен да стапи во контакт со Центарот за формациско образование (Het Centrum voor Vormingsonderwijs), институцијата што посредува меѓу училиштата, Министерството за образование и официјално признатите верски заедници.
Ова е возможно бидејќи православната христијанска заедница е призната како осма верска деноминација на национално ниво во Холандија—положба која ѝ обезбедува институционална рамка за верска служба во армијата и затворите.
Наставници и акредитација
За акредитирање на наставен кадар задолжена е „Православната Испраќачка Инстанција“ (Orthodoxe Zendende Instantie). Кандидатите мора да имаат диплома од православен богословски факултет, завршен психо-педагошки модул – ниво I, познавање на холандски јазик најмалку на ниво B2 и минимум две години наставничко искуство. Предвидено е и учество на специјализирана обука.
Наставници обучени во Романија исто така можат да предаваат, под услов да го владеат холандскиот јазик.
Првите чекори
На последната седница на Православната црква во Холандија, под претседателство на митрополитот Атинагора – грчкиот митрополит на Белгија и егзарх за Холандија и Луксембург, претставниците на сите православни јурисдикции ги договорија првите конкретни чекори за промоција и организација на часовите во основните училишта. Нагласена беше потребата од информирање во парохиите и одржување демонстрациски часови во црквите.
Според официјалните податоци, моментално има само двајца акредитирани наставници, што е недоволно за покривање на потребите на национално ниво. Во иднина се планира формирање педагошка комисија која ќе ја развива методологијата и ќе го координира процесот на регрутација.
Воведувањето на предметот беше поздравено и од Православната епископска конференција на Бенелукс, која ја истакна позитивната динамика и важноста на соработката помеѓу Црквата и образовните институции.
„Барометар на духовните вредности“
Протопрезвитерот Јон Југа, претставник на Романската православна митрополија за Западна и Јужна Европа во Советодавниот совет на ОКиН, истакна:
„Покрај радоста од овој убав почеток, стануваме свесни и за предизвиците што ги носи секое пионерско дело. Потребни се многу информации во парохиите, пронаоѓање и подготовка на наставници, изработка на адаптирана методологија — но пред сè, свесност кај родителите и децата за важноста на овој час.“
Во однос на социјалниот контекст, тој додаде: „Нашите верници често ја обвинуваат холандската средина за секуларизација, либерализам и атеизам — но многупати самата обвинувачка реторика станува оправдување да бидеме заведени од истите искушенија.“
„Токму затоа, часовите по религија бараат свесно насочување. За децата тие можат да станат барометар на сопствените духовни вредности во свет кој сè повеќе има потреба од автентични ориентациски точки,“ рече тој.
Извор: www.orthodoxopschool.nl