Вселенскиот патријарх Вартоломеј порача дека борбата против вистината продолжува и во современиот свет, нагласувајќи дека христијаните и денес се изложени на прогонства, особено на Блискиот Исток, „колевката на христијанството“, каде што и во наше време се раѓаат новомаченици на верата.
Во својата беседа тој се осврна и на руската војна против Украина, како и на ставовите на руското црковно раководство, кое војната ја претставува како „света“.
Вселенскиот патријарх во неделата, на 26 јули 2026 година, началствуваше на Божествената литургија во храмот „Света Параскева“ во населбата Хаској во Истанбул. Храмот бил темелно обновен во 2008 година со донација од капетанот Панајотис Цакос, а потоа бил отстапен за богослужбени потреби на романската православна заедница во градот.
Во дворот на храмот се наоѓа и гробот на светата новомаченичка Аргира.
„Нападната е Вистината“
Во своето обраќање, патријархот Вартоломеј зборуваше за безбројните маченици и исповедници на верата, меѓу кои и светата преподобномаченичка Параскева, чиј празник беше одбележан.
Тој истакна дека уште од првите мигови по Христовото воскресение постоеле обиди вистината да биде премолчена и потисната, а низ историјата христијаните биле прогонувани со насилство и убиства.
„И денес, на многу начини и во различни делови од светот, безмилосната војна продолжува. Вистината се напаѓа. Следбениците на Воскреснатиот повторно се прогонувани, особено на Блискиот Исток, колевката на христијанството, која и во наше време дава новомаченици на верата“, порача Вартоломеј.
Тој додаде дека војната понекогаш се објавува и во името на Христос, Кнезот на мирот, посочувајќи ја Украина како пример.
„Православната Руска Федерација се сврте против својата православна соседна земја, додека црковното раководство зборува за ‘света војна’, го благословува оружјето и им ветува на младите руски војници, испратени во борба против своите украински браќа, дека наводно така ќе го наследат вечниот живот“, рече Вселенскиот патријарх.
Според него, за православните христијани Христовото воскресение претставува живот и воскресение на секој човек.
Тој порача дека, и покрај тешкотиите, промените и „бурите“ на времето, христијаните треба да останат цврсти во верата и да продолжат да ја сведочат својата духовна и историска традиција.
Обраќање до романските верници
Патријархот Вартоломеј упати посебна порака и до романските верници кои присуствуваа на богослужбата, нагласувајќи ја постојаната пастирска грижа на Цариградската црква за сите православни заедници што живеат во градот.
Тој се потсети и на својата минатогодишна посета на Букурешт, извршена на покана на романскиот патријарх Даниел, како и на средбата со него во јуни на островот Имврос, каде што присуствувал и бугарскиот патријарх Даниил.
Во продолжение, Вселенскиот патријарх зборуваше за светиот апостол Андреј Првоповикан, основач и заштитник на Цариградската црква, кој истовремено се почитува и како просветител на романскиот народ.
Тој потсети и на заедничката почит што Грците и Романците ја имаат кон светата Параскева Епиватска.
Посебно беше споменат и влашкиот владетел Константин Бранковеану, кој заедно со своите четворица синови пострадал во Истанбул поради православната вера.
„Нивната крв, пролеана недалеку од местото каде што сега се наоѓаме, претставува печат на заветот меѓу Цариград и Романија – завет на верата, посилен од секоја земна сила“, истакна патријархот.
Бранковеану бил тесно поврзан со заедницата во Хаској, бидејќи дал значаен придонес за обновата на храмот „Света Параскева“ во 1692 година.
На богослужбата присуствуваа претставници на Вселенската патријаршија, романскиот конзул во Истанбул Андреј Ферендино, генералниот конзул на Молдавија Серџиу Гурдуза, како и голем број верници.
Извор: orthodoxianewsagency.gr